Шпанскиот тенор, Пласидо Доминго, кој е обвинет дека сексуално малтретирал дваесетина жени во Америка, побара прошка од нив со порака дека му е искрено жал за страдањето што им го нанел. Тој претходно ги отфрлаше обвинувањата.
„Сакам сите да знаат дека искрено ми е жал поради траумите што им ги нанесов. Ја прифаќам сета одговорност за своите дела“, рекол 79-годишниот оперски пејач.
Доминго во соопштението навел дека „последните месеци размислувал за обвиненијата“ и дека „сега сфаќа дека некои жени можеби се плашеле искрено да се изјаснат, плашејќи се за последиците во карирата“.
Тој побара прошка еден ден откако поротата во Њујорк го прогласи за виновен филмскиот продуцент Харви Вајнстин, за сексуално малтретирање и силување.
Пред неколку месеци светските медиуми објавија дека девет жени потврдиле дека пејачот ги вознемирувал до крајот на 1980-те години, а брзо потоа дека слични обвинувања поднеле уште 11 жени. По овие обвинувања Доминго се повлече од функцијата главен директор на операта од Лос Анџелес, на која позиција беше од 2003 година. Тој го откажа настапот во Метрополитен операта во Њујорк, а неговите настапи ги откажаа повеќето оперски куќи во Америка. По ова Доминго се врати во Европа, каде што продолжи да настапува.