Салвадор Собрал итно е хоспитализиран, а, како што пишуваат португалските медиуми, пејачот морал да оди на трансплантација на срцето во што пократок период!
Како што наведуваат медиумите, тој е животно загрозен, а никој од семејството сè уште ниту ја потврди, ниту демантираше оваа информација.
Да потсетиме, претставникот на Португалија и победник на 62. издание на „Евросонг“, Салвадор Собрал, сè до финалето го чуваше својот здравствен проблем далеку од очите на јавноста. Тој победата ја однесе со песната „Amar Pelos Dois“, и емотивната изведба на истата.
Да потсетиме, на првата од двете проби на „Евросонг“, во Киев, наместо Салвадор пееше неговата сестра Луиса (инаку композиторка) затоа што Салвадор, поради срцевите проблеми, не можел да ја напушти земјата на подолг период.
„Неговиот лекарски тим е во Португалија, и тој не може да замине надвор од земјата на подолг период. Членовите на комисијата на ‘Евросонг’ се согласија наместо него, јас да ги одработам првите две проби“, изјави Луиса по натпреварувањето.
Инаку, Салвадор последниот настап го имаше на 8 септември, по што се повлече. Сите закажани концерти се откажани.