Почина Бети Дејвис, кралицата на фанк-музиката

Почина Бети Дејвис, кралицата на фанк-музиката и поранешна сопруга на џез-легендата Мајлс Дејвис на 77-годишна возраст. Веста ја соопшти нејзината долгогодишна пријателка Кони Портис, а пренесе „Rolling Stone“.

„Со голема тага ја споделувам веста за смртта на Бети Дејвис, мултиталентирана музичарка и пионерска рок-ѕвезда, пејачка, текстописец и модна икона“, изјави Портис.

Поголемиот дел од музички опус на Бети е снимен помеѓу 1954 и 1975 година, иако нејзиното музичко влијание се чувствувало и во наредните децении. Таа беше модел по професија, а започна да се занимава со музика под нејзиното вистинско име – Бети Мабри. Беше важна личност на њујоршката музичка сцена во доцните 60-ти, а ја напиша и легендарната композиција „Uptown(to Harlem)“ на Chambers Brothers.

Таа се омажи за музичарот Мајлс Дејвис во 1968 и стана инспирација за неговата песна „Mademoiselle Mabry“. Но нивиот брак траеше само една година, па таа се пресели во Лондон и таму ја продолжи својата манекенска кариера.

Во меѓувреме, создаваше нова музика и по една година се врати во САД каде сними песни со Сантана. Сепак, своите песни ги сними со група фанк-музичари од Западниот Брег, а токму Дејвис ѝ ги аранжираше песните. Својата прва плоча „Betty Davis“ ја издаде во 1973 година, а потоа издаде уште два студиски албума.

По 1979 година, престана да се занимава со музика и се врати во Питсбург, каде што живееше повлечен живот, далеку од очите на јавноста.

Scroll to Top