Џон Дејвис, еден од вистинските пејачи во поп-дуото „Мили Ванили“, почина на 66 години од корона. Тој пееше на хит-албумот на групата Girl You Know It’s True од 1989 година, но е заведен само како придружен вокал.
Роден во САД, Дејвис се преселил во Германија и неговиот вокал стана светски познат благодарение на хитовите на „Мили Ванили“, поп-дуото во кое пееја Фабрис Морван и Роб Пилатус. Овој проект го осмисли продуцентот Франк Фаријан. Морван и Пилатус беа лицето на бендот и лажно ги присвоија сите заслуги за неговите успеси. Среде шпекулациите дека тие не пеат на албумот, Фаријан ја призна измамата, а подоцна кажа дека го ангажирал Дејвис поради слабите вокални квалитети на Морван и Пилатус.
Популарната група од 80-тите продаде над 30 милиони сингла и освои „Греми“, но наградата им беше одземена по скандалот.
Дејвис подоцна сними еден албум со свој бенд, а во изминатите години ја обнови соработката со Морван. Пилатус почина од предозирање во 1998 на 32 години.