Почина глумецот Макс фон Сидоу

Шведскиот глумец Макс фон Сидоу, кој се појави во филмови и ТВ-серии како „Егзорцист“, „Флаш Гордон“ и „Игра на тронови“, почина на 90-годишна возраст.

Неговото семејство објави дека актерот роден во Шведска починал во неделата.

Фон Сидоу глумеше и во „Хана и нејзините сестри“, „Малцински извештај“ и „Ѕвездени војни: Силата се буди“. Тој сними 11 филма со Ингмар Бергман, меѓу кои и „Седмиот печат“. Актерот го играше и Немилосрдниот Минг во „Флаш Гордон“ во 1980 година.

Тој продолжи да глуми доцна во животот, позајмувајќи му го гласот на лик во „Симпсонови“ во 2014 година, а во 2016 се појави и во три епизоди на „Игра на тронови“.

Фон Сидоу беше номиниран за два Оскари во текот на неговата кариера, меѓу кои и за најдобар спореден актер за неговата улога во „Екстремно гласно и неверојатно блиску“ во 2011 година.

Актерот има два сина со својата прва сопруга Кристина Инга Брита Олин. Во 1997 година се ожени со Кетрин Брелет во Прованса и пет години подоцна стана државјанин на Франција, што значи дека мораше да се откаже од шведското државјанство.

 

Scroll to Top