Почина Мајк Хоџис, режисерот на филмот „Флеш Гордон“

Британскиот режисер Мајк Хоџис, режисерот на еден од првите филмови во кој беше екранизиран стрип-херојот Флеш Гордон, почина на 90 години. Хоџис починал во својот дом во Дорсет.

Работата на Хоџис главно беше насочена на познатите британски гангстерски и детективски филмови, а првиот голем филмски успех во светот го оствари со „Фати го Картер“ од 1971 година, со сер Мајкл Кејн во главната улога. Со Кејн го сними и филмот „Пупл“ од 1972 година, по кој британскиот актер се здоби со светска слава.

Филмот „Флеш Гордон“ е неговата филмска адаптација на истоимениот стрип во кој глумеа Орнела Мути и Макс фон Сидов. Филмот, чиј продуцент беше славниот Дино де Лаурентис, беше еден од најраните високобуџетни филмови за кои наменски беше направена музика од рок-бенд. Музиката за филмот ја направи легендарната група „Квин“.

Хоџис е роден во Бристол, а пред филмската кариера работел како сметководител и две години служел на миноловец на Кралските поморски сили на северот на Англија. Подоцна велеше дека во тие работи бил сведок на страшната сиромаштија која во него поттикнала чувство на гнев кое го вклопил во филмот „Фати го Картер“.

Хоџис последниот филм го режираше во 2003 година, трилер-драмата „Само смртта може да нѐ запре“ со Клајв Овен и Шарлота Ремплинг.

Scroll to Top