Почина славниот јапонски дизајнер Исеј Мијаке

Славниот јапонски дизајнер Исеј Мијаке почина на 84 години, пренесоа светските медиуми. Мијаке почина на 5 август од рак на црниот дроб, објави агенцијата Kyodo. Веста ја потврдија и од неговата канцеларија во Токио.

Кариерата му траеше повеќе од половина век, а беше познат по својот стил на облека. Го создаде и препознатливиот имиџ со црна ролка на основачот на Apple, Стив Џобс.

Познат по својата практичност, Мијаке сакал да стане или танчер или спортист пред да почне да ги чита модните списанија на сестра му. Роден е во Хирошима во 1938 година, а како дете сведочел и на експлозијата на атомската бомба во јапонскиот град.

За неа не говорел сè до пред десет години, затоа што сè дотогаш не сакал за него да се зборува како за дизајнер кој преживеал атомска бомба.

„Кога ги затворам очите, сè уште гледам работи што никој не треба да ги доживее. Светло црвената боја, црниот облак веднаш потоа, луѓе кои трчаат на сите страни очајно обидувајќи се да избегаат. Се сеќавам на сè“, рече Мијаке.

„Во рок од три години мајка ми почина од радијација“, додаде тој.

Студирал графички дизајн на уметнички универзитет во Токио, научил дизајн на облека во Париз, каде што работел со познатите модни дизајнери Гај Ларош и Ибер де Живанши, пред да замине за Њујорк.

Во 1970 година се вратил во Токио и го основал дизајнерското студио Мијаке. Во доцните 1980-ти, развил нов начин на пласирање со завиткување ткаенини помеѓу слоеви хартија и ставање во термичка преса, при што облеката ја задржува својата пласирана форма.

На крајот развил повеќе од дузина модни линии, почнувајќи од неговата главна Мијаке за мажи и жени, па сè до чанти, часовници и парфеми, пред да се повлече во 1997 година за да се посвети на истражувањето.

Scroll to Top