Почина Вивиен Вествуд, креаторката која го воведе панкот во високата мода

Легендарната британска дизајнерка Вивиен Вествуд почина на 81 година во нејзиниот дом во Лондон. Таа стана популарна во 1970те години кога го воведе панкот во високата мода.

„Вивиен почина денес, мирно, окружена со семејството. На светот му требаат повеќе луѓе како неа за да го направат подобро место за живеење“, напишаа на Твитер претставниците на нејзината модна куќа.

Вествуд кариерата ја почна во Англија кога отвори бутик за облека во Лондон заедно со менаџерот на „Секс пистолс“, Малком МекЛарен. Подоцна нејзиниот бренд стана толку популарен, што се прошири во Франција, Италија, САД и Азија.

Нејзиниот сопруг и креативен партнер, Андреас Кронталер изјави дека ќе го продолжи нејзиниот моден пат.

„Работевме заедно до самиот крај, и таа ми остави аманет да завршам уште неколку нејзини идеи“, рече тој за британските медиуми.

Вествуд беше позната и по тоа што се залагаше за климатски промени, се бореше против загадувањето, а му беше поддршка и на основачот на Викиликс, Жулијан Асанж. Во 1989 година таа ја облече Маргарет Тачер за сликање за насловна страница, а во знак на протест против премиерот Дејвид Камерун и неговата политика, возеше бел тенк и го паркираше пред неговата резиденција на улицата Даунинг 10 во центарот на Лондон.

 

Scroll to Top