Организаторите на доделувањето на „Оскар“ објавија во средата дека поради слабата гледаност планираат да скратат најмногу три часа од свеченото доделување на филмските награди, кои во живо ги пренесуваат телевизиите.
Најавија и дека ќе воведат нова категорија за доделување награда за најпопуларен филм.
Во писмото од членовите на Управниот одбор на Американската академија за филмска уметност и наука се наведува дека некои од 24-те „Оскари“ ќе бидат доделени за време на паузата за реклами.
Промените што ќе се воведат на свеченоста во февруари 2019 година се голема пресвртница во доделувањето на најпрестижните награди во филмската индустрија, а ќе се воведат по долгогодишниот пад на гледаноста.
Доделувањето на „Оскарите“ во март оваа година во САД го следеле само 26,5 милиони луѓе, најмалку во 90-годишната историја на доделување на наградите.
Во писмото не се наведуваат поединостите за новата категорија, која ќе биде воведена за најпопуларниот филм, ниту за категориите за кои наградите ќе бидат доделени за време на рекламите.
Доделувањето на „Оскарите“ редовно трае речиси четири часа.
„Сакаме да произведеме забавно шоу од три часа и да ги направиме попристапни ‘Оскарите’ за нашите гледачи ширум светот“, се наведува во соопштението испратено до јавноста од страна на Управниот одбор.