Поранешни вработени ја тужат Ким Кардашјан поради неисплатени плати

Седум поранешни членови на персоналот во вилата на Ким Кардашијан во Хидн Хилс поднесоа тужба против неа. Тие тврдат дека им должи неколку плати и дека задржувала 10% од нивните плати за данок.

Судскиот спор започна во Лос Анџелес во понеделникот. Во тужбата се наведува дека Ким одбивала да им плати за прекувремена работа и ги принудувала да работат без паузи за оброк во нејзината вила од 60 милиони долари, пренесува весникот „Њујорк пост“.

Еден 16-годишен поранешен вработен тврди дека бил принуден да работи над 48 максимално дозволени часови за малолетен летен вработен, додека друг тврди дека бил отпуштен веднаш штом изразил загриженост во врска со данокот и прекувремената работа.

Френк Ким, од адвокатската канцеларија „Ким Лигал“, ги застапува поранешните вработени во случајот и посочи дека наскоро ќе бидат преземени понатамошни правни дејствија.

Според него, неисплатени плати, или како што рече, кражба на плати, и други повреди на работното место се широко распространет проблем во Лос Анџелес.

Scroll to Top