Поранешниот модел на „Вог“ некогаш заработуваше милиони, а денес е бездомник на улиците на Барселона

Настасија Урбано, 57-годишната шпанска манекенката што во осумдесеттите се сликаше за насловната на „Вог“ и заработуваше милиони за дваесетина дена работа, денес е бездомник и живее на улиците во Барселона. Таа беше заштитно лице за парфемот „Опиум“ на компанијата „Ив Сен Лоран“, се фотографираше за модни кампањи со Линда Еванџелиста, секој ден излегуваше на вечера со најголемите ѕвезди во Америка.

Животот ѝ тргнал удолу откако го запознала нејзиниот сопруг. Таа го издржувала семејството, а на крајот тој ја оставил со долгови и само со алиштата што ги имала на себе, пишува „Дејли меил“.

„Единствената добра работа од тој брак се моите деца. Остатокот беше ужасен. Тој за сè плаќаше со моите пари. Два дена откако се запознавме побара да му купам ‘бе-ем-ве’, а јас, будала, потпишав чек. Бев заљубена“, рекла таа.

Урбано, која страда од депресија, открила дека ја избркале од неколку станови зашто не можела да ја плати киријата. Понекогаш спие кај пријатели, но најчесто во фоајиња на банките во Барселона, каде што луѓето можат да пристапат до банкоматите.

„На 20 години веќе имав насловна на ‘Вог’ во Европа, па се преселив во Њујорк и потпишав со агенцијата ‘Форд моделс’. Се фотографирав за списанија, реклами, сите ме сакаа. Имав живот за кој повеќето луѓе сонуваат. Заработував по милион долари годишно, а работев по дваесетина дена, и така беше три-четири години. Една вечер бев излезена со Џек Николсон, следната со Роман Полански, третата со Енди Ворхол. Одев на забави со Мелани Грифит, Дон Џонсон… Требаше да одам и на свадбата на Мадона со Шон Пен, оти Дејвид Кит, со кого се гледав во тоа време, беше поканет. Ама бевме толку мамурни од претходната вечер, што не можевме да станеме од кревет. Живеев како кралица. Денес само сакам да живеам, не да преживувам“, раскажала поранешната манекенка.

Неколку поранешни модели сакаат да ѝ помогнат да се врати во манекенството, да заработува и да си го среди животот.

„Настасија и денес има многу да ѝ понуди на модата. Отсекогаш била полна со самодоверба, знае како со луѓето. Ѝ треба нашата помош за да се врати на сцената. А ние сме подготвени да зборуваме со модните агенции кои бараат повозрасни модели за да ја ангажираат. Заслужува пристоен живот“, рекол поранешниот модел Хернандо Херера, еден од оние што сè уште се дружат со Настасија.

Scroll to Top