Супермоделот Бела Хадид, е една од оние што биле сексуално малтретирани од поранешниот маркетинг директор на „Викторијас Сикрет“, Ед Разек. Според статија во „Њујорк тајмс“ објавена минатиот викенд, Разек сексуално ги вознемирувал моделите во текот на подготовките пред шоуто на „Викторијас Сикрет“.
Според весникот, девојките во бекстејџот биле жртви на недолични коментари, понижување и сексуално вознемирување. Весникот објавил детали за недоличното однесување на Разек, кој, наводно, давал неприкладни коментари за градите на Хадид во текот на проба пред модната ревија на брендот во 2018 година.
„Њујорк тајмс“ цитира три лица кои биле присутни за време на пробата на која Бела ја премерувале за да се утврди точната големина на долната облека. „Заборавете ги гаќичките,“ им рекол Разек на луѓе од персоналот.
„Поголемо прашање, рекол тој, е дали ТВ мрежата ќе ѝ дозволи на г-ца Хадид да оди по пистата со тие совршени цициња“. Еден сведок рекол дека Разек наводно кажал „гради“, а не „цициња“, пишува Њујорк Тајмс.
Наводно, за време на истата проба, Разек ја ставил раката меѓу нозете на друга девојка, која била во долна облека.
Извршниот директор, кој беше главен директор за маркетинг за бренд и креативни услуги во „Лимитид брендс“, матична компанија на „Викторијас сикрет“, исто така давал контроверзни забелешки за недоволна разноликост на пистата. Тој во интервју за „Вог“ рекол: „Дали требаше да има транссексуалци во шоуто? Не, не мислам дека треба. Па, зошто да не? Шоуто е еден вид фантазија. Тоа е посебна забава што трае 42 минути.“
Тој подоцна се извини за неговите зборови, а во август компанијата објави дека Ед ќе ја напушти компанијата и ќе се пензионира. Модната ревија на „Викторијас сикрет“ е откажана минатата година.