Американската порно-глумица Сторми Даниелс, која тврди дека имала афера со претседателот на САД Доналд Трамп, вчера изјави дека ќе ги објави своите мемоари под наслов „Целосно разоткривање“. Книгата ќе биде промовирана на 2 октомври. Според нејзиниот издавач, Даниелс во книгата зборува за тоа како почнала да работи во порно индустријата и ги опишува настаните што довеле до тајниот договор, како и обидите за заплашување.
Порно-глумицата стана позната по тврдењата дека во 2006 година имала афера со Трамп и дека добила голема сума пари за воопшто да не зборува за него во јавноста. Неодамна, таа изјави дека сексот со Трамп траел 2 минути.
Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, неодамна потврди дека на Даниел ѝ платил 130.000 долари пред претседателските избори во 2016 година за да молчи за односот со Трамп. Претседателот на САД и понатаму ја негира аферата.