Принцот Хари изјави дека е возбуден што наполни 40 години, но неговата позитивност е во спротивност со негативното мислење кое за него преовладува во домот и заладените семејни врски. Помладиот син на кралот Чарлс Трети, кој сега живее во Калифорнија со сопругата, американската телевизиска актерка Меган Маркл и нивните две деца, денеска го слави својот 40-ти роденден.
Војводата и војвотката од Сасекс, петгодишниот принц Арчи и тригодишната принцеза Лилибет живеат во славната енклава Монтесито, во близина на Санта Барбара, на западниот брег на САД.
„Бев загрижен кога полнев 30 години, возбуден сум за 40“, изјави тој неодамна за Би-Би-Си, додавајќи дека тоа што станал татко му дал „свежа перспектива на животот“.
„Да се биде татко е една од најголемите радости во животот и само ме мотивираше да го направам овој свет подобро место“, додаде тој.
Сепак, Хари е сè уште изолиран од кралското семејство и се чини дека има мали шанси да се врати кај нив.
Односот на Хари со неговото семејство стана позатегнат откако тој и неговата сопруга го напуштија кралскиот живот и се преселија во Северна Америка на почетокот на 2020 година.
Се’ започна со едно експлозивно американско телевизиско интервју во кое парот тврдеше дека постарите членови на кралското семејство направиле расистички претпоставки за бојата на кожата на нивниот нероден син, а потоа следеше целосен раздор со објавувањето на биографијата на Хари насловена „Резерва“.
Книгата се сметаше за напад на вековната институција на кралското семејство, која сè уште игра централна улога во британскиот живот. Вклучува долги пасуси за заладените односи на Хари со неговиот брат, престолонаследникот Вилијам (42), кого исто така го опишува како негов непријател.
Експертите изјавија за АФП дека не гледаат никакво помирување на хоризонтот.
„Веројатно до сега ќе беше решено доколку беше можен некаков договор“, рече Марк Гарнет од Универзитетот Ланкастер во северозападна Англија.
Во февруари Хари го посети својот татко, кој претходно објави дека боледува од рак, а подоцна за американската ТВ мрежа „Еј-би-си“ изјави дека е сигурен оти дијагнозата може повторно да го спои семејството. Меѓутоа, за време на втората посета на принцот во Лондон во мај, таткото и синот присуствуваа на одделни настани во близина, но не се сретнаа.
Хари, наводно, ја одбил поканата да остане во Бакингемската палата за време на посетата и наместо тоа останал во хотел во Лондон.
Односите меѓу Вилијам и Хари, чија некогаш блиска врска беше создадена со смртта на нивната мајка принцезата Дијана во 1997 година, остануваат јавно замрзнати.
Тие беа видени заедно на погребот на покојната кралица во септември 2022 година, но очигледно се држеа на дистанца еден од друг. Така беше и на крунисувањето на татко им во мај минатата година. Двајцата браќа наводно не ни зборуваат.
Додека Хари и Меган имаат повеќе поддржувачи во Соединетите Држави, британската јавност исто така јасно зазеде страна во семејната расправија.
Хари и Меган паѓаат на дното на анкетите за кралската популарност, заедно со неговиот вујко принцот Ендру, чии врски со починатиот американски сексуален престапник Џефри Епштајн го направија непопуларна личност.
За разлика од нив, Вилијам и неговата сопруга Кетрин, која се опоравува од рак, се исклучително популарни.