Британскиот принц Вилијам, синот на престолонаследниот принцот Чарлс и покојната принцеза Дајана, на конференција во Лондон отворено говореше за траумите што ги преживел додека бил во војска и дека бил на граница да доживее нервен слом.
„Во повеќе наврати додека бев во војска извршував трауматични задачи во кои беа вклучени и деца. Откако добив свои деца, мислам дека односот меѓу работата и приватниот живот ме доведе до раб, па почнав да чувствувам работи кои никогаш претходно ги немав искусено“, признал принцот за време на конференцијата.
Вилијам признал дека во тој период најважен му бил разговорот со колегите, но дека понекогаш дури ни тоа не било доволно.
„Станав многу тажен и многу лошо се чувствував поради семејството“, додал тој.
Вилијам нагласил дека има среќа што работел за воздухопловната амбулантна служна на Royal Air Force, па напоменал дека колегите му помогнале да ја надмине огромната тага.
„Како што се грижиме за нашето физичко здравје, мораме да се грижиме и за нашето ментално здравје“, изјавил Вилијам.
Принцот Вилијам минатата година со својата 37-годишна сопруга Кејт и 34-годишниот брат Хари бил вклучен во кампањата што се занимава со подигање на свеста за менталното здравје.
Во последниот период голем број членови од британското кралско семејство сè поотворено зборуваат за личните проблеми, како и за начините на кој тие се борат со траумите.
Неодамна помладиот принц Хари, братот на Вилијам, јавно проговори за траумите што ги доживеал по смртта на својата мајка, принцезата Дајана, а за истата тема и принцот Вилијам отворено зборувал во повеќе наврати.