Принцот Вилијам на Јамајка го осуди ропството наметнато од Велика Британија во минатото

Принцот Вилијам, кој деновиве ги минува на Јамајка, оттаму го осуди ропството и улогата која Британија во минатото ја имала врз оваа земја.

„Сакам да ја изразам мојата најдлабока тага. Ропството беше грозно и никогаш не смееше да се случи“, рече Вилијам, кој беше со сопругата Кејт Мидлтон.

Кралската двојка веќе неколку дена ужива на турнејата по карипскиот предел каде наиде и на првите протести.

„Додека болката беше длабока, Јамајка продолжи да ја гради својата иднина со одлучност, храброст и сила. Силата и заедничкото чувство на народот на Јамајка се претставени на вашето знаме“, додаде Вилијам.

Тој се потсети и на говорот на неговиот татко, принцот Чарлс, кој исто така го осуди ропството во неговиот говор на Барбадос минатата година, кога ја смени кралицата Елизабета на чело на државата и излезе од Комонвелтот.

Премиерот на Јамајка, Ендру Холмс во својот говор рече дека Јамајка продолжува понатаму без британското царство.

„Тука постојат проблеми кои, како што знаете, се нерешени, но вашата присутност ни дава можност овие прашања да ги ставиме во контекст со нив да се позанимаваме што е можно подобро. Но, Јамајка, како што можете да видите, е земја која е горда на својата историја и многу е горда на она што досега го има постигнато. Одиме понатаму и имаме намера да ги исполниме нашите вистински амбиции и судбина и да станеме независна, развиена и просперитетна земја“, рече премиерот.

Вилијам додаде дека неговата баба, кралицата Елизабета, е длабоко наклонета кон Јамајканците и заедно го слави придонесот со јамајканската дијаспора во Велика Британија.

„Не е тајна дека кралицата има длабока наклонетост кон Јамајка, што произлезе од нејзината прва посета овде со мојот дедо, војводата од Единбург, во далечната 1953 година. Трогнат сум од она што го слушнав денес од Јамајканците, и младите и старите имаат наклонетост кон кралицата. Можеби мене ми е вистинска баба, но сите ја сметаат и за своја баба. И тоа е ок за мене“, рече принцот.

Двојката не ја пропушти можноста да се фотографира и со јамајканскиот боб тим Cool Runnings кој се натпреваруваше на Олимписките игри во Канада во 1988 година. Според таа приказна беше снимен и истоимениот филм од 1993 година, познат како „Ледена патека“.

Scroll to Top