Утре (8 септември) во етерот на Би-би-си Радио 2 ќе биде промовиран првиот сингл на Џорџ Мајкл, девет месеци по неговата смрт. Новото необјавено парче на поп-легендата ќе биде објавено благодарение на двете повозрасни сестри на пејачот – Мелани и Јода.
„Ќе продолжиме да се обидуваме да го споделуваме и да се насладуваме на непроценливото наследство на Џорџ, да ви носиме радост преку исклучително убава музика … Планираме да ги објавиме сите проекти на кои тој работеше толку напорно и тоа за вас”, напишаа во заедничко соопштение објавено на интернет-страницата на Џорџ Мајкл.
Пејачот почина на Божик минатата година на 53-годишна возраст, а подоцна беше објавено дека подготвувал нов албум кој требаше да биде пуштен во продажба оваа година. Според непотврдени шпекулации, неговите сестри поседуваат необјавен музички материјал доволен за најмалку три албуми.