Првпат од 2018 година Оскарите повторно ќе имаат водител

Оскарите ќе имаат водител за првпат од 2018 година и ќе се вратат во својот долгогодишен дом во театарот „Долби“. Вечерта на доделувањето на Оскарите, наградата на Американската академија за филмски уметности и науки, повторно ќе биде со водител на церемонијата за првпат од 2018 година, објави американската телевизиска мрежа Еј-би-си, која секоја година ја емитува церемонијата. Овогодинешното 94-то доделување на Оскарите, кое е закажано за 27 март, се враќа во Холивуд и традиционално во театарот „Долби“.

Лани поради пандемијата на коронавирусот, Академијата организираше гала вечер на голема железничка станица во центарот на Лос Анџелес со намален број гости.

Засега не е познато кој ќе биде домаќин на церемонијата, но во 2017 и 2018 година тоа беше комичарот Џими Кимел, додека Кевин Харт ја одби понудата да биде домаќин во 2019 година, откако неговите пораки на Твитер, кои беа оценети како хомофобични, повторно се појавија на социјалните мрежи.

Академијата тогаш не најде замена за Харт, па разни актери се менуваа без да бидат домаќини на церемонијата.

Scroll to Top