Британскиот рок-пејач Род Стјуарт изнајмил куќа за семејство од седум бегалци од Украина. Тој јавно кажа дека обично не се фали за својата добротворна работа, но сега постапил поинаку со надеж дека ако проговори за своите постапки, тоа можеби ќе ги поттикне и другите луѓе да го направат истото.
Стјуарт скоро една година ѝ помага на брачната двојка Ростислав и Олена и нивните пет деца, и им плаќа кирија и комуналии во Беркшир.
„Семејството дојде во Британија и не говореа англиски. А, тие се толку прекрасни, љубезни и многу благодарни. Затоа сакам да работам повеќе. Размислувам да најдам уште една куќа во која ќе вселам многу повеќе луѓе“, рече тој за британските медиуми.
Род нагласил и дека е витез, а титулата ја добил од кралицата Елизабета, па добротворната работа му е еден вид должност.
„Нека ме видат дека правам нешто. Јас сум витез и ја користам својата моќ за да направам нешто за луѓето. Убеден сум дека ако луѓето видат што правам и тие ќе направат нешто“, вели Стјуарт.
Стјуарт и неговата сопруга Пени Ланкастер изнајмиле и три камиони, кои служат за разнесување залихи за бегалците, но и безбедно изнесување од Украина.
Следниот месец Стјуарт почнува турнеја и ќе настапи во низа британски градови и тоа Нотингем, Абердин, Глазгов, Белфаст, Лондон, Бирмингем и Манчестер. Како што најави, има намера да зборува за војната во Украина и да ги посвети концертите на таа земја и нејзиниот народ.