Еден од најдобрите светски фудбалери, Роналдињо, и неговиот брат Роберто де Асис се пуштени од притвор, откако вчера беа уапсени во Парагвај заради поседување лажни пасоши во кои пишувало дека се Парагвајци. Откако биле испрашувани неколку часа и полицијата го открила потеклото на нивните лажни пасоши, обвинителството се откажало од кривично гонење. Роналдињо и неговиот брат ја признале вината и откриле дека пасошите ги „добиле на подарок“ во авионот. Потоа двајцата биле ослободени од притвор.
Обвинителството на Парагвај сега е насочено кон бизнисменот кој е главниот виновник за оваа измама. Обвинителството проценило дека светската фудбалска легенда била жртва на измама и дека тој и неговиот брат испаднале наивни во целата ситуација. Дополнително, за влез во Парагвај воопшто не им бил потребен пасош, што очигледно тие не го знаеле.
За потсетување, бразилскиот фудбалер беше уапсен вчера со обвинение дека имал лажен пасош.