Кристијано Роналдо од денеска и официјално е фудбалер на Јувентус.
Реал Мадрид со соопштение до јавноста објави дека Португалецот си заминува од клубот на негово барање и кариерата ја продолжува во таборот на италијанскиот шампион. „Старата дама“ на „кралскиот клуб“ ќе му исплати 105 милиони фунти отштета.
Тој ќе стане најплатениот фудбалер во историјата на Серија А бидејќи ќе заработува околу 30 милиони евра годишно.
Роналдо играше во дресот на Реал Мадрид од 2009 година и за изминативе сезони сруши многу рекорди. На 438 официјални натпревари во белиот дрес тој постигна 451 гол, освои вкупно 16 трофеи, а четири пати ја доби Златната топка како фудбалер на Реал Мадрид.
Главна причина за заминувањето на Роналдо од „Сантијаго Бернабеу“ се несогласувањата со претседателот Флорентино Перез околу новиот договор, но и фактот дека фудбалерот беше осуден за даночно затајување и мораше да плати казна од 17 милиони евра.