Се омажи Малала Јусафзаи, најмладата добитничка на Нобеловата награда

Малала Јусафзаи, добитничката на Нобеловата награда за мир и активистка за човекови права, се омажи за својот партнер Асер Малик на скромна церемонија во Бирмингем.

Таа објави фотографии од венчавката на својот твитер-профил, на кои се гледаат Малик и членовите на нивното семејство.

„Денес е посебен ден во мојот живот, Асер и јас сме посветени да бидеме партнери до крајот на нашите животи. Возбудени сме што ќе одиме заедно на патот што ни претстои“, напиша Јусафзаи.

Малала на 17 години стана најмладата добитничка на Нобеловата награда во која било област кога во 2014 година ја подели Нобеловата награда за мир со индискиот активист за правата на децата, Каилаш Сатирахи.

Таа беше застрелана на 9 октомври 2012 година додека се враќаше од училиште кога напаѓач се качил во училишниот автобус и испукал два истрела во нејзината глава и вратот. Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот.

Нејзиното здравје беше критично, но откако ѝ се подобри состојбата, беше префрлена во Бирмингем на понатамошно лекување.

Атентатот иницира поддршка за Малала во целиот свет, а специјалниот пратеник на Обединетите нации за глобално образование, Гордон Браун, почна петиција со слоганот „Јас сум Малала“, со цел до крајот на 2015 година сите деца во светот да бидат во училиштата по што Пакистан да ја ратификува првата повелба за правото на образование.

 

Scroll to Top