Шпанската песна за Евросонг била напишана за Џенифер Лопез

Песната SloMo, со која Шанел оваа година ја претставува Шпанија на Евросонг, била напишана за светската ѕвезда Џенифер Лопез, откри холандскиот весник „Би-Ди“. Холандскиот продуцент Арјен Тонен ја напишал песната со желба да ја испее Џеј Ло, оти таа е со регетон ритам и латиноамерикански призвук, каков што се слуша во Порторико, а од каде што се родителите на Џенифер.

Тонен иако ѝ ја испратил песната на латино пејачката, никогаш не добил повратен одговор. Кога ја запознал шпанската пејачка Шанел Тереро ѝ ја понудил да ја испее, но да ја пријават на домашниот избор за Евровизија. Откако Шанел победи на фестивалот „Бенидорм“ таа беше обвинета дека SloMo е плагијат на стара песна на Дара Бубамара, но и покрај притисоците на социјалните мрежи, нејзината победа не беше повлечена, па Шанел ќе пее во Торино.

Холандскиот весник „Би-Ди“ пишува и дека Тонен има повеќе од десет години искуство во музичката индустрија и дека, покрај неговата продукциска работа, стекнал слава и како диџеј Swacq, но и дека SloMo за кратко време се искачи на второто место на Spotify Global Viral листата.

Scroll to Top