Синоќешниот концерт на Бочели во празната Миланска катедрала има 25 милиони прегледи

Велигденскиот концерт на италијанскиот тенор Андреја Бочели во празната Миланска катедрала Дуомо, кој се пренесуваше во живо на Јутјуб, досега го гледале речиси 25 милиона луѓе.

„Во денот кога ја славиме верата во животот што триумфира, ја имам честа и среќата да одговорам со ‘да’ на поканата на управата на градот Милано“, изјави славниот оперски пејач пред концертот.
Придружуван од катедралниот оргулист, Бочели изведе четири песни и заврши со „Amazing Grace“, застанат пред величествениот готски храм.

Последната изведба беше проследена со кадри од празните улици на Париз, Лондон и Њујорк.

Поканата да пее во прочуената катедрала за Велигден, до славниот тенор ја упати градот Милано. Видеоконцертот, како што пренесе Еуроњуз, вклучи и кампања за прибирање финансиски средства за набавка на заштитна опрема за персоналот во болниците.

Милано е главен град на Ломбардија, најпогодената област од коронавирусот во Италија. Како што посочува Еуроњуз, само во Ломбардија има над 60 илјади случаи на ковид-19 и околу 10 илјади починати.

 

 

 

 

Scroll to Top