Лиза Мари, ќерка на Елвис Присли, почина од срцев удар на 54 години. Таа беше единственото дете на кралот на рокенролот и Присила Присли. Веста за нејзината смрт ја објави нејзината мајка, која кажа дека Лиза Мари доживеала срцев удар во нејзиниот дом во Лос Анџелес, по што починала во болница. „Со тешко срце морам да ја споделам погубната вест дека мојата прекрасна ќерка Лиза Мари нè напушти“, рече Присила.
Лиза Мари Присли е родена 1968 година и е сопственик на замокот на нејзиниот татко Грејсленд во Мемфис, кој е популарна туристичка атракција. Таа имаше девет години кога Елвис почина од срцев удар на 42-годишна возраст. Иако беше финансиски обезбедена, нејзиниот живот беше турбулентен, скандали со дрога, четири пропаднати брака, син кој се самоуби. Сними и три албуми кои поминаа одлично на листите на Билборд.
Лиза Мари имаше лесно и безгрижно детство во Грејсленд. Елвис најчесто одмарал преку ден или не бил дома поради турнеите, па Лиза правела што сака. Но, откако се отселиле од Грејсленд, нејзиниот живот се сменил, бидејќи живеела само со мајка си која била многу построга од Елвис. Во едно интервју рече дека нејзиниот свет се превртел наопаку кога нејзиниот татко починал на 16 август 1977 година.
„Бев будна околу 4 часот наутро, татко ми дојде дома и ми рече да одам да спијам. Го бакнав и му реков дека ќе одам да спијам. Легна и ме бакна за добра ноќ. Тогаш последен пат го видов жив“, рекла Лиза Мари.
Иако никогаш не раскажа што се случило таа вечер, се зборуваше дека токму таа го пронашла нејзиниот татко мртов во бањата. По погребот на Елвис, Лиза Мари се пресели во Калифорнија со нејзината мајка, каде што почнала да се повлекува во себе. Нејзината мајка ја запишала во Скиентолошката црква, а Лиза Мари почнала да се бунтува и на 13 години почнала да користи дрога. Го напуштила училиштето и по цели денови се земала дрога, сè до едно утро кога се разбудила опкружена со толпа дрогирани луѓе.
„Се дрогирав и пиев 72 часа без престан. Конзумиравме кокаин, марихуана, седативи и алкохол“, рече во интервју Лиза Мари.
Побарала помош од Скиентолошката црква и подоцна тврдела дека тие се одговорни за нејзиното откажување од дрога и за да стане подобра личност.
Во црквата го запознала и Дени Кеог, со кого се омажила во 1988 година и со кого имала две деца, ќерката Даниел и синот Бенџамин. По шест години се развеле.
Само 20 дена по разводот со бившиот сопруг во 1994 година, таа се омажи за својот долгогодишен пријател Мајкл Џексон. Во тоа време се зборуваше дека тие се венчале за Лиза Мари да му помогне на Џексон, кој се соочувал со обвинувања за злоупотреба на деца. Но, тие негираа дека е брак од интерес и тврдеа дека се сакаа. Лиза се појави и во спотот на Мајкл за песната You Are Not Alone.
Поинтензивно почна да се занимава со музика во првиот брак, а по разводот со Џексон со кој беше две години, се посвети на музиката и почна да работи на албум. Потоа се сврши со пејачот Џон Осзајц, но го остави за актерот Николас Кејџ, кој го запозна на роденденската забава на Џони Рамон. Таа и Кејџ се венчаа на 10 август 2002 година на Хаваи, а нивниот брак траеше само 108 дена. Лиза Мари тогаш јавно призна дека ѝ е многу жал што се омажила за Кејџ и дека тоа била голема грешка. И Кејџ подоцна рекол дека бракот е грешка, но дека не бил со Лиза Мари само затоа што таа е ќерка на Елвис.
По третиот развод Лиза Мари потоа повторно се посвети на музичката кариера и го издаде својот деби албум во 2003 година, а потоа и многу успешниот албум Now What во 2005 година. Овој албум влезе на листата топ-десет албуми според Билборд за таа година.
Една година подоцна ќерката на Елвис се омажи за Мајкл Локвуд и во 2008 година ги роди близнаците Харпер Вивиен Ен и Финли Арон Лав. По ова се повлече од светот на музиката и се пресели во Англија за да живее на тивок селски имот.
Таму живееле далеку од очите на јавноста до 2016 година, кога таа поднесе барање за развод. Таа побара целосно старателство над децата, а од судот бараше и посетите на Локвуд кај децата да бидат под надзор, поради што почнаа шпекулациите дека Мајкл бил со неа само поради пари и дека ја искористил, ја малтретирал и завршил во долгови. Судскиот спор траеше долго, оти тој бараше многу пари во разводот. Во тоа време нивните деца најмногу беа со баба им Присила.
Во 2020 година нејзиниот син Бенџамин се самоуби во семејниот дом. Телото го нашла неговата девојка. Ова повторно ја скршило Лиза Мари, која немаше блиска врска со својот син. По трагедијата, таа повторно се повлече од јавниот живот.
Дури неодамна почна повторно да се пишува за неа и нејзината мајка, откако беше објавен филмот Елвис со Остин Батлер, посветен на животот на нејзиниот татко. Лиза Мари и нејзината мајка беа вклучени во работата на филмот и соработуваа со Остин Батлер. По премиерата, јавно кажаа дека Остин го оживеал Елвис и им ги вратил најубавите сеќавања за кралот на рокенролот.
Само два дена пред смртта, Лиза Мари и Присила беа присутни и на Златните глобуси, кога Батлер ја освои наградата за најдобар глумец во филмска драма.
Од срцев удар почина Лиза Мари, единствената ќерка на Елвис Присли