Италијанската филмска легенда, Софија Лорен, по 11 години глуми во филм. „Нетфликс“ објави дека ги откупил правата за филмот „Животот пред нас“, во режија на Едуардо Понти, синот на Лорен и легендарниот продуцент Карло Понти. Филмот ќе излезе пред крајот на годината, а е адаптација на бестселерот „Животот пред нас“ на Ромен Гари.
„Во приморска Италија, госпоѓа Роса, која го преживеала Холокаустот, има мал бизнис и го згрижува 12-годишниот Момо, кој неодамна ја ограбил. Двајцата се осамени и стануваат заштитници еден на друг“, стои во најавата за филмот.
„Големо е задоволството што ќе работам со ‘Нетфликс’ на волку специјален филм. Во мојата кариера работев со најголемите студија, но можам со сигурност да кажам дека никој не бил толку отворен за културните различности како ‘Нетфликс’ и тоа е она што го ценам кај нив. Тие сфатиле дека не можеш да изградиш светско студио ако не го искористиш локалниот талент во една земја“, рече 86-годишната глумица.