Натали Портман и нејзиниот сопруг, францускиот балетан Бенџамин Милпје наводно поминуваат низ брачна криза откако се дознало дека ја изневерил со 25-годишна Французинка. Според тврдењата на извор , парот уште лани живее одвоено, но сè уште се обидувале да го спаси бракот, а кон крајот на мај биле снимени како уживаат на концерт на Бијонсе.
Нивниот брак наводно се нашол во криза откако француското списание „Voici“ објави фотографии на кои се гледа 45-годишниот поранешен балетан во друштво на 25-годишната климатска активистка Камил Етјен, инаку пријателка на Грета Тунберг.
„Не се разделени и се обидуваат да ги решат нештата. Бен прави сè што може за Натали да му прости. Тој ја сака неа и нивното семејство“, тврди изворот, додавајќи дека актерката е позната по тоа дека ја чува својата приватност и сега ѝ е најважно да ги заштити децата.
Американските медиуми пишуваат дека проблемите во бракот биле јавна тајна на снимањето на нејзиниот нов филм „May December“ кој се снимаше во јануари минатата година, а на промоцијата на филмот во Кан Портман се појави без сопругот.
За потсетување, Натали и Бенџамин се запознале во 2009 година на снимањето на филмот „Black Swan“, за кој тој ја работел кореографијата. Се венчаа во 2012 година и имаат 2 деца, 12-годишниот син Алеф и 6-годишната ќерка Амалија.