Светскиот топ-модел, Синди Крафорд, вчера наполни 54 години. Една од најпопуларните манекенки од 1990те години и во шестата деценија е убава како и на почетокот на кариерата. Синди стана препознатлива по бенката над усната, која уште од почетокот на кариерата беше нејзин заштитен знак.
Во најраното детство имала проблеми поради неа, бидејќи врсниците во училиште често се шегувале на нејзина сметка. Таа во еден момент планирала да ја отстрани по хирушки пат, но мајка ѝ ја спречила во намерата. И токму бенката ја направи поразлична од другите манекенки.
„Мајка ми секогаш велеше ‘Знаеш како изгледа бенката, ама не знаеш како ќе изгледа лузната’. Сега таа е нешто по кое ќе ме паметат луѓето, а и многу жени со бенки се идентификуваат со мене,“ изјави Синди во една прилака.
Крафорд својата кариера ја започна во 1986 година, а врвот го достигна во 1990-те. Беше дел од славната петорка топ-модели со Клаудија Шифер, Наоми Кемпбел, Кристи Тарлингтон и Линда Евангелиста. Се сликаше за преку 600 насловни страници на најпрестижни светски списанија како што се „Вог“ и „Ел“. Беше дел од многу кампањи и модни ревии, на „Шанел“, „Долче и Габана“, „Џанфранко Фере“, „Роберто Кавали“, „Оскар де ла Рента“, „Живанши“…
Синди е првиот супермодел што се сликаше за „Плејбој“. Се појави во неколку спота, меѓу кои и Freedom на Џорџ Мајкл и Please Come Home for Christmas на Џон Бон Џови. Глумеше и во филмот „Фер игра“ покрај Вилијам Болдвин. Таа четири години беше во брак со глумецот Ричард Гир. Откако се разведоа, Синди се омажи за бизнисменот Ренди Гербер, со кого има две деца, моделите Присли и Каја Гербер.