Пејачот на рок групата „Аеросмит“, Стивен Тајлер, повторно побара од претседателот на САД, Доналд Трамп, да престане да ги пушта нивните песни на митинзи.
Адвокатот на Тајлер испратил писмо до Трамп, откако на митинг во Западна Вирџинија била пуштена песна на „Аеросмит“.
Во писмото се наведува дека со пуштањето на овие песни „лажно се имплицира дека неговиот клиент ја поддржува кампањата или неговото претседателствување“.
„Не станува збор за демократи против републиканци. Никому не му допуштам да користи мои песни без дозвола. Мојата музика не е за политички кампањи и митинзи“, објави Тајлер на Твитер.
Тој додаде дека за заштитата на авторските права се борел многу пред оваа администрација да стапи на власт.
Ова не е првпат Тајлер да бара од Трамп да престане со користење на песни од „Аеросмит“. Тој во 2015 година до изборниот штаб на Трамп двапати испрати писма со вакво барање.