Татјана Патиц беше миленичка на „Вог“, а го мразеше гламурозниот живот на супермодел: приказната на најмистериозната манекенка на светот

Германската манекенка Татјана Патиц почина вчера на 56 години од рак на дојката. Таа беше еден од првите светски супермодели заедно со Синди Крафорд, Линда Евангелиста, Кристи Тарлингтон и Наоми Кембел. Во ’90-тите се прослави со својот специфичен изглед, се најде на преку 200 насловни страници на најпрестижните списанија и глумеше во спотот за песната „Фридом“ на Џорџ Мајкл. Брзо потоа, Татјана стана мајка, се повлече од модата и го доби прекарот најмистериозниот модел во светот.

За животот на Патиц и денес се знае малку. Останатите четири супермодели сè уште се активни, имаат модни ангажмани и комуницираат со фановите преку социјалните мрежи. Татјана, пак, откако стана мајка, реши да пензионира и да се посвети на мирниот семеен живот. Се повлече и од медиумите и само неколку пати се појави во јавноста во последните дваесет години. Таа во една прилика кажа дека го презира своето гламурозно минато, па затоа одби да се појави во документарниот филм за славата и успехот на оригиналните супермодели. Останатите четири дами прифатија да го снимат документарецот и не зборуваа за Патиц.

Татјана е родена во Германија, а порасна во Шведска. Со манекенство почна да се бави на 17 години и бргу потоа се пресели во Њујорк. Со својот специфичен изглед, витката става и убаво лице, брзо се проби во светот на модата. Стана позната по тоа што секогаш е поинаква и можеше да изгледа различно под секое светло и на секое снимање. Таа беше и миленичка на уредниците на „Вог“ и има најмногу насловни страни за модното списание во нивната историја. Највпечатлива е насловната што ја направи Питер Линберг за британскиот „Вог“, во јануари 1990 година.

Соработуваше и со бројни познати брендови, како Версаче, Шанел, Валентино, Карл Лагерфелд, Хелмут Ланг, Дона Каран, Жан Пол Готје, Вивиен Вествуд. Со години беше заштитно лице на модната куќа Жил Сандер. Се појави и во култниот спот на Џорџ Мајкл за песната „Фридом“.

Кога ѝ здодеа манекенството, таа проба да глуми, но оваа кариера не траеше долго. Почна да се занимава и со еколошки активизам, страст која ѝ остана до крајот на животот. Живееше повлечено на фармата во Малибу што ја купи 1989 година, опкружена со животни.

Блиските велат дека беше исклучително посветена на синот Џонас.

„Не сакав да го дадам мојот син на дадилка. Јас го избрав тоа. Сите имаме различни приоритети и тоа беше мој. Не сакав секој ден да сум во авион и да не го гледам детето“, рекла таа во една прилика.

Во јавноста не зборуваше ни за својот љубовен живот. За неа се знае дека беше во брак со Џејсон Џонсон од 2003 до 2009 година, но двојката ни во тоа време не се појавуваше заедно во јавноста.

Пред неколку години Татјана реши да се врати на модата и прифати неколку проекти, а сними и реклами кои ги избираше внимателно.

„Имаше гламурозни моменти, но беше и многу заморно. Лошите делови на работата се честите патувања и постојаниот замор. Отсекогаш мислев дека манекенството не сум јас – тоа е само работа. Тоа не ме дефинираше“, изјави Патиц во едно интервју.

Веста за нејзината смрт ја изненади јавноста. Светските модели се простија од неа, велејќи дека ќе им недостига нејзината насмевка и енергија по која беше препознатлива во светот на модата.

Scroll to Top