Џејми Спирс, таткото на Бритни Спирс не ѝ дозволува да има дете со дечко ѝ Сем Ашгари и затоа пејачката не сака повеќе тој да биде нејзин старател.
Таа вели дека одбива татко ѝ да одлучува за нејзиниот живот и кариерата. Според одлуката на судот, Џејми води грижа за ќерка си од 2007 година.
Тој се грижи за неа откако таа доживеа нервен слом. Тоа значи дека има контрола на нејзините стотини милиони долари. Бритни добива само џепарлак од тие пари, пишуваат светските медиуми.
Нејзините фанови иницираа и кампања наречена FreeBritney, со која сакаа да укажат дека пејачката практично е заложник во својот дом. Кампањата содржи и петиција во која се бара Бритни да биде ослободена од старателството.
Покрај тоа што не може да управува со своите пари, на Бритни ѝ било забрането да вози автомобил, да се мажи, да има деца, да гласа, да ангажира адвокати и слободно да зборува во интервјуа и слично.
Пејачката има две деца, синовите Шон и Џејден, а со своето момче, тренерот Сем Ашгари, сака да создаде семејство и да роди уште едно дете.
„Отсекогаш сакала големо семејство и да биде самостојна. Сега има желба да основа ново семејство, да носи самата одлуки за својот живот“, изјавил извор за британските медиуми.
„Таа сака да работи, но тоа ѝ доаѓа на второ место кога ќе се спореди со мајчинството. Обожава да биде мајка и тоа ѝ е приоритет“, дополнува изворот.
Минатата недела Бритни се обидела да се ослободи од старателството што над неа го има татко ѝ, но во тоа не успеала. Судот во Лос Анџелес во средата одлучил Џејми да остане старател на својата ќерка, барем до 1 февруари 2021 година.
Бритни побарала од судот наместо татко ѝ, старател да ѝ биде нејзината менаџерка Џоди Монтгомери, која одреден период и ја вршеше оваа функција кога Џејми беше болен и не беше во можност да ја надгледува ќерка си.
Нејзините фанови сметаат дека татко ѝ има премногу слобода и дека премногу управува со неа и оти сега е време да ја остави на мир да си го живее својот живот.