Поранешниот американски претседател Доналд Трамп по две години доби дозвола да се врати на Фејсбук и Инстаграм, од кои беше блокиран поради инвазијата на неговите поддржувачи во Капитол хил во 2021 година.
Профилите на Трамп ќе бидат обновени во наредните недели, потврди менаџерот на „Мета“, компанијата што ги поседува Инстаграм и Фејсбук. Тој може да го обнови и својот профил на Твитер, а тоа му го овозможи Илон Маск откако ја купи оваа социјална мрежа.
„Наше општо правило е дека не сакаме да застанеме на патот на отворена, јавна и демократска дебата за платформите на ‘Мета’, особено во контекст на изборите во демократските општества, како што се САД. На јавноста треба да ѝ се дозволи да слушне што имаат да кажат нивните политичари – добро, лошо, грдо – за да може луѓето да одлучат за кого да гласаат на изборите“, напиша претседателот за глобални прашања на компанијата, Ник Клег.
„Мета“ му го укина пристапот на Трамп до неговите профили на 6 јануари 2021 година кога стотици негови поддржувачи упаднаа во Капитол и нападнаа полицајци и пратеници додека Конгресот работеше да ги потврди изборните резултати.
Основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, тогаш изјави дека се плаши од можноста Трамп со својата реторика да предизвика ново насилство.
„Мета“ најави дека ќе инсталира нова заштита за да ја спречи злоупотребата во мрежата, а тоа вклучува и високи казни за прекршителите како Трамп, кој доби двегодишна суспензија оти ги прекрши правилата на компанијата, што значи и забрана за поттикнување насилство.
Трамп, кој основа сопствена социјална платформа лани во февруари, не коментираше дали некогаш повторно ќе објавува на Фејсбук и на Инстаграм, но ја пофали одлуката на „Мета“ на својата мрежа Truth Social Life.