Трнливиот пат на Мадона до успехот

Кралицата на поп-музиката, Мадона, денеска полни 60 години. Пејачката се смета за една од најголемите музички икони во историјата на популарната музика, како и секс-симбол на денешницата.

Мадона е американска пејачка, танчарка, текстописец, продуцент, актерка и писателка. Позната и како кралица на попот, таа својата слава ја стекна со своите иновативни музички спотови, изведби и често контроверзната употреба на сексуални и религиозни теми.

Таа има добиено многубројни награди во нејзината кариера и има издадено многу албуми.

Патот до славата на кралицата на поп-музиката Мадона не бил отсекогаш лесен. Родена е како трето од шесте деца на италијанскиот имигрант Силвио и Канаѓанката Луис. Прераната загуба на мајка ѝ станува пресвртница во нејзиниот живот.

Пејачката, која денеска тежи повеќе од 600 милиони долари, во младоста наидува на голем број пречки, искушенија и колебања.

„Бев бунтовничка. Знаев дека сакам да бидам некој и нешто. Во основно и средно училиште бев одлична ученичка, а потоа во 1978 година нагло се откажав од факултетот и се преселив во Њујорк. Таму заминав со 35 долари во џебот. Не познавав никого. Продавав крофни, а навечер танцував со други пејачки“, вели Мадона.

Моментот кога ќе ја забележи продуцентот Марк Каминс, за Мадона, се и првите чекори до патот на славата. Ѝ бил договорен состанок со дискографската куќа „Сир“, а Мадона вешто ја искористила понудената можност во светот на музиката.

„Но, светот на музиката не беше подготвен за неа“, велат нејзини блиски пријатели.

„Со валкана коса, лошo облечена и полугола на сцените, каква порака им испраќа на младите?“, пишувал на почетокот на нејзината кариера весникот „Њујорк тајмс“, веројатно не разбирајќи дека на тој начин ѝ прави одлична реклама.

Девојките во тоа време бараа идол. Го најдоа во Мадона. Нејзиниот втор албум Like A Virgin е првиот албум на една пејачка во историјата на САД, кој е продаден во повеќе од пет милиони примероци. Почнаа да се редат и други песни и големи хитови, но во исто време и големи проблеми.

„Пеев затоа што се чувствував среќно и убаво. Запознав нов тип, а девојките тоа лошо го протолкуваа. Одеднаш сите сакаа да се сексаат, а јас бев на удар на сите католички цркви во светот“, се присетува поп-кралицата во едно од своите интервјуа.

Уште тогаш стана светска ѕвезда, а потоа во јавноста се појавија нејзините голи фотографии. Додека живеела во Њујорк, поради недостиг на пари, Мадона позирала гола. И тоа само за 25 долари. Медиумите постојано пишувале – „неморал“, „блуд“, но Мадона не се поколебала.

„Ми требаа пари, нема да се извинувам“, порачала музичката поп-кралица. Нејзините фотографии се продадени за повеќе од 100.000 долари.

Тој скандал не ѝ наштети на Мадона. Пејачката веќе беше на врвот, а сега отиде и две скалила погоре, каде што ниту една пејачка никогаш не била. Холивудските актери лудуваа по неа. Мадона редовно настапувала пред повеќе од 100.000 луѓе, а обожавателите само продолжувале да се множат. Набргу со музичката кариера Мадона почна и да глуми во филмовите и да пишува книги.
Денеска Мадона се проценува на повеќе од 800 милиони долари, има шест деца и сè што допира го претвора во злато. И сè уште не е дојден крајот на нејзината кариера, пишуваат светските медиуми по повод нејзиниот 60. роденден.
Scroll to Top