Поранешениот филмски продуцент Харви Вајнштајн, кој е осуден на 23 години затвор за силување во државата Њујорк, ќе биде екстрадиран во Калифорнија за да му се суди за други обвиненија за сексуално насилство.
И покрај обидите на адвокатите тој да остане во затворот каде што е во моментот, државниот суд во Њујорк одлучи да им го предаде на властите во Калифорнија за и таму да му се суди за единаесет обвиненија за сексуално насилство врз пет жени во периодот од 2004 до 2013 година.
Вајнштајн треба да биде екстрадиран во Калифорнија кон средината на јули, а неговиот адвокат Марк Верксман за „Ројтерс“ изјави дека е крајно разочаран од судската одлука и вели дека ќе се жали на одлуката.