Актерката Селма Хаек е последната во низата жени што го обвинија продуцентот Харви Вајнштајн за сексуално вознемирување, но и за закана за убиство. Таа во колумна за „Њујорк тајмс“ напишала дека доживеала кошмарно искуство кога го одбила холивудскиот продуцент во текот на снимањето на филмот за мексиканската сликарка Фрида Кало.
Актерката напишала дека продуцентот се појавувал пред нејзината врата доцна во ноќта и дека ѝ предлагал сексуални односи.
„Бараше од мене сешто, но на секое негово барање категорично викав „не“ – сакаше да се тушира со мене или барем да ме гледа додека се туширам, ми нудеше масажа, ми предлагаше неговиот пријател да ме масира, и тоа сосема гол, дури ме праша дали смее орално да ме задоволи… Откако одбив сè од наведеното, ми се закани дека ќе ме убие… Ме навредуваше пред сите на сетот. Тој е вистинско чудовиште“, стои во колумната на Хаек.