Венеција се претвора во игралиште за богатите – на локлците не им се допаѓа што Џеф Безос ќе се жени таму

Додека еден од најбогатите луѓе во светот се погодтвува за својата луксузна венчавка во Венеција, локалното население негодува.

Раскошната венчавка на Џеф Безос и Лорен Санчез, закажана за 24 јуни во Венеција, предизвика незадоволство кај локалното население. Активистката Марта Соторива предупредува дека ваквите настани дополнително го загрозуваат секојдневниот живот на граѓаните и идентитетот на градот.

Соторива го гледа овој настан како уште еден пример за претворање на Венеција во „игралиште за богатите“, каде интересите на локалното население се целосно игнорирани.

Заедно со десетици други граѓански активисти, таа подготвува протести низ градот, дели летоци, користи мегафон на плоштадите и шири пораки преку кампањата „Нема простор за Безос“. Во рамките на акцијата, градот беше преплавен со постери со ликот на Безос на ракета – алузија на неговата вселенска компанија „Blue Origin“. Пораката беше пренесена и на фестивалите и јавните форуми.

Едно од највидливите дејствија беше поставувањето на транспарент на кој пишуваше „Не Безос“ на камбанаријата на базиликата Сан Џорџо – токму каде, според гласините, парот треба да го каже судбоносното „да“.

„Има многу гнев бидејќи градската власт уште еднаш се потчини на логиката на профит – нашиот град е продаден на најбогатиот понудувач. Секогаш кога се случува ваков настан, градот застанува, одредени делови стануваат недостапни, а уште повеќе туристи доаѓаат. Оваа венчавка е навистина симбол на се што не е во ред во Венеција”, вели Соторива.

За разлика од венчавката на Џорџ Клуни и Амал Аламудин во 2014 година, која беше дочекана со ентузијазам кај многу жители, свадбата на Џеф Безос предизвика многу поширок отпор. Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, кој ја потврди венчавката во март, е под зголемен притисок од активистите и политичките противници.

И додека градските власти тврдат дека свадбата чија вкупна цена се проценува на околу 9,8 милиони евра ќе му донесе економски бенефит на градот, опозицискиот советник Џовани Андреа Мартини посочува дека обичните граѓани нема да почувствуваат реален профит. Тој предложи Безос, како трет најбогат човек во светот, да одвои средства за реконструкција на повеќе од 1.000 напуштени станови во градот со цел да се ублажи станбената криза.

Градоначалникот Бруњаро ги отфрли критиките, велејќи дека настанот нема да предизвика никакво нарушување и дека кампањата против Безос била „срамна“.

Соторива, сепак, тврди дека нејзиниот активизам не е ограничен само на младата двојка, иако признава дека поврзаноста на Безос со Доналд Трамп и контроверзната репутација на Амазон за нејзиниот третман кон работниците предизвикуваат дополнителна недоверба.

Scroll to Top