(Видео) 18-годишната Били Ајлиш победи на „Греми“

Поп-пејачката Били Ајлиш освои пет статуетки на музичките награди „Греми“, што се одржаа вчера во Лос Анџелес. Таа освои награда за најдобар млад уметник и за песна на годината.

Осумнаесетгодишната американска пејачка исто така доби Греми за најдобар албум, и тоа за дебито „Кога сите ќе заспиеме, каде одиме“ кој го снимилa во нејзината куќа во Лос Анџелес. Со ова признание ја замени Тејлор Свифт како најмлада личност која ја добила оваа награда.

„Најчесто многу се шегувам со овие работи, но навистина сега сакам да кажам дека сум благодарна“, рече пејачката.

Нејзиниот постар брат Финис О’Конел, со кого го снимила албумот, доби Греми за најдобар продуцент.

„Не го направивме ова за да добиеме Греми. Снимивме албум за депресија и самоубиствени мисли, за климатски промени и за лошо момче, што и да значи тоа. Затоа стоиме овде збунети и благодарни“, рече О’Конел. Ајлиш и Конел се автори на насловната песна за новиот филм за Џејмс Бонд, „Не е време за умирање“, која треба наскоро да биде промовирана.

 

Церемонијата на „Греми“ помина во сеќавање на кошаркарската легенда Коби Брајант, кој вчера загина во хеликоптерска несреќа.

„Сакам сите да ве замолам за едноминутно молчење за Коби. Да помислиме во нас на него, и да испратиме сила на неговото семејство“, рече на почетокот Алиша Кис, која беше водителка на настанот.

Scroll to Top