Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, му подготви торта на својот пријател и милијардер Ворен Бафет, за неговиот 90. роденден. Гејтс подготви торта „Орео“ и се пофали на „Твитер“, каде што објави видео во кое му го честиташе роденденот на Бафет.
На површината на тортата бил исцртан ликот на Бафет, пренесува Си-ен-ен.
„Ворен, среќен 90. роденден“, му порача Гејтс.
Бафет е познат по тоа што сака слатко и консумира многу кока-кола. Тој е еден од големите инвеститори во „Кока-Кола“, а има и своја фабрика за слатки, позната под името See’s Candies.
Како што навел Си-ен-ен, Гејтс и Бафет со долги години добри пријатели. Гејтс не случајно одлучил да му направи торта „Орео“. Тој на својот блог напишал дека еднаш го затекнал Бафет како јаде од нивните бисквити, кои му се омилени за појадок.
Happy 90th birthday, Warren! pic.twitter.com/8nH2EulTR4
— Bill Gates (@BillGates) August 30, 2020