Британскиот тенисер Енди Мареј на емотивна прес-конференција во Мелбурн најавил дека Вимблдон би можел да му биде последен турнир во кариерата. Мареј неколкупати со солзи во очите раскажувал за сите проблеми со кои се соочил во изминатите две години.
„Не се чувствувам добро. Долго време се мачам, многу страдав во последните 20 месеци. Сè направив за да се чувствувам подобро, но ништо не ми помогна. Подобар сум отколку што бев пред 12 месеци, но и натаму чувствувам големи болки“, рекол Мареј.
Поранешниот број 1 во 2018 година настапи на само неколку турнири, на кои не забележа позначаен резултат. Јасно е дека Мареј е далеку од старата форма.
„Морам да ставам точка на играњето, а не знам кога болката ќе исчезне. Мислам дека можам да играм до Вимблдон, односно да го одиграм и тој турнир, а потоа би сакал да ја завршам кариерата. Исто така сè уште не сум сигурен во оваа одлука“, рекол тенисерот.
Мареј во моментов е 230. на АТП-листата, а во првото коло на Австралија опен се среќава со Роберто Баутиста-Агут.
„Постои шанса ова да биде мојот последен настап на Австралија опен. Не сум сигурен дека сум во состојба да играм под болка уште четири или пет месеци“.
Мареј во кариерата има освоено три гренд-слем титули.
3-time Grand Slam winner and British tennis great Andy Murray plans to retire at Wimbledon this year pic.twitter.com/TgsloseYGq
— Bleacher Report (@BleacherReport) January 11, 2019