Јасвин Санга, позната како „Кралицата на кетаминот“, се согласи да се изјасни за виновна по обвиненијата дека ја набавила дозата од анестетикот на рецепт што ја уби ѕвездата на серијата „Пријатели“, Метју Пери, соопштија обвинителите во понеделникот.
Санга, чие судење требаше да започне во септември, ќе се изјасни за виновна по пет точки според договорот за признавање на вина со федералните обвинители, според соопштението на Министерството за правда на САД.
Договорот за признавање на вина доаѓа нешто повеќе од три недели откако калифорнискиот доктор Салвадор Пласенсија, уште еден од петте лица обвинети во врска со смртта на Пери, се изјасни за виновен по четири точки од обвинението за нелегална дистрибуција на кетамин.
Санга, која властите ја опишаа како дилерка на дрога позната на клиентите и како „Кралицата на кетаминот“, е обвинета за снабдување со дозата што му го одзеде животот на Пери. Обдукцијата заклучи дека Пери починал од акутните ефекти на кетаминот, кои во комбинација со други фактори, предизвикале актерот да ја изгуби свеста и да се удави во џакузито на 28 октомври 2023 година. Тој имал 54 години.
Пери, најпознат по улогата на Чендлер Бинг во хит-комедијата „Пријатели“ на NBC од 1990-тите, јавно призна дека злоупотребувал дрога со децении, вклучително и за време на врвот на неговата слава во серијата.
фото: принтскрин