(Видео) „Квин“ ја преработи We Are The Champions во чест на здравствените работници

Легендарната група „Квин“ во која сега пее Адам Ламберт, направи нова верзија на хитот We Are The Champions, насловена You Аre The Champions. Песната ја посветија на здравствените работници од целиот свет.

„Исто како што ги испративме нашите мажи и жени во две Светски војни да се борат, овие мажи и жени сега се борат за нас и ги ризикуваат нивните животи секој ден. За нив пееме во оваа песна која стана глобална химна. За сите што работат во првите борбени редови и го загрозуваат својот живот“, рекол гитаристот на „Квин“, Брајан Меј, за „Ролинг Стоун“.

За полесно да го помине времето, Меј почна да објавува домашни концерти на неговата страница на Инстаграм. Тие наскоро прераснаа во упатства за свирење гитара и нешто што тој го нарече #JamWithBri, па ги покани обожавателите да додадат свои делови на неговите композиции. Една вечер тој ги покани тапанарот Роџер Тејлор и пејачот Адам Ламберт да се приклучат на забавата и така ја создадоа новата верзија на песната.

Ова искуство го вратило Меј во моментот во 1977 година кога Фреди Меркјури првпат ја претставил песната пред бендот.

„Сите се сомневавме. Рековме: ‘Фред, дали си  сигурен во ова? Зар ова не звучи големо?’ Ни одговори: ‘Не бидете смешни. Станува збор за сите. Така сите треба да се чувствуваат’, ни рече Фред и имаше право. Сметам дека целиот проект има многу емотивно влијание. Сè уште имам грутка во грлото“, раскажал Меј.

Scroll to Top