Играчот на Јувентус, Кристијано Роналдо, би можел да се соочи со казна од доживотен затвор поради наводното силување на Кетрин Мајорга во 2009 година. Португалецот беше обвинет од Мајорга, која тврди дека пред десет години била сексуално злоупотребена.
По тој повод се огласи и Роналдо на социјалните мрежи и со блага насмевка изјави дека не е премногу загрижен за обвинувањата на негова сметка.
„Она што го пишуваат медиумите се лажни вести. Се пишуваат од луѓе и за луѓе што сакаат да се промовираат користејќи го моето име. Тоа е нормално. Но, јас сум среќен човек и сето тоа е во ред“, изјавил Роналдо на видеото.
Мајорга тврди дека во 2009 година, кога работела како хостеса во хотелот во Лас Вегас, Роналдо ја принудил на анален секс, а потоа ѝ се извинил.
„Откако ме силуваше, се извини. Клекна и ми рече дека тој 99 отсто е добар човек, но не знае што се случува со оние 1 отсто“, изјавила Мајорга во едно интервју, а адвокатите на Роналдо најавија тужба за клевета против весниците што ја објавија веста.
Во Невада случаите со силувања не застаруваат, а злосторникот би можел да добие и доживотен затвор со можност за условна слобода од 10 години. Иако во 2010 година Мајорга ги прифатила тие 375.000 долари на сметка на Британските Девствени Острови во замена да молчи, сега се подготвува да се соочи со настанот што ѝ го променил животот. Вели дека по тој настан, смислата на живеење ја пронашла во алкохолот и на тој начин се борела со суицидните мисли.