Кралската четворка, принцовите Вилијам и Хари и нивните сопруги Кејт Мидлтон и Меган Маркл, снимија реклама во борбата за менталното здравје. Кралската двојка е дел од државната кампања и снимениот спот во кој на луѓето им даваат совети како да се борат против стресот, депресијата и лошото спиење.
Покрај нив во рекламата се појавуваат и други познати личности од Англија кои отворено раскажуваат за своите проблеми. Видеото е објавено на веб-страницата Every Mind Matters, каде што сите граѓани можат да добијат информации како да се справат со нарушеното ментално здравје.
„Низ светот постојат милиони луѓе кои се соочуваат со предизвици што влијаат врз менталното здравје. Ги има на секоја возраст, со различен интензитет, поради различни работи. Чувствуваат дека се под стрес, дека се несреќни, анксиозни или имаат проблеми со спиењето“, вели во филмот принцот Вилијам.
Неговата сопруга Меган порачува дека веб-страницата ќе им покаже на луѓето едноставни начини да го подобрат своето ментално здравје.
На веб-страницата постои прашалник, кој откако ќе се пополни, на корисникот ќе му биде направен мини-план со професионални совети. На пример, човек загрижен за пари ќе биде насочен на локална советодавна служба за долгови, а на луѓето што лошо спијат им се советува да ги исклучат телефоните пред легнување. Кампањата траела 18 месеци и сите учесници ја работеле бесплатно. Ова е првпат во историјата членовите на британското кралско семејство да се појават во некоја ТВ-реклама, а кампањата веќе е прогласена за проект од национално значење.
Рекламата досега ја имаат погледнато преку 11 милиони луѓе. Режисер на видеото е Ричард Куртис, познат по неговото филмско дело „Всушност, љубов“.