Во камп за бегалци Дуа Липа се соживеа со минатото на своите родители

Пејачката Дуа Липа, чии родители се бегалци од Косово, неодамна во Либан посети камп со деца бегалци од Сирија. Таа по патувањето откри дека првпат вистински се соживеала со минатото на нејзините родители, кои избегале од нивниот дом во време на конфликтот на Косово.

„Ова беше многу лично за мене. Моите родители избегаа од регион зафатен од војна и создадоа живот за себе на ново место. Секое дете бегалец што го запознав има родители како моите, кои се обиделе да ги донесат најдобрите одлуки кои можеле за своите семејства“, рекла пејачката.

Таа на социјалните мрежи сподели фотографии од тридневното патување организирано од УНИЦЕФ и ги раскажа своите впечатоци од детскиот бегалски камп.

„Во изминативе три дена, работејќи со УНИЦЕФ, се сретнав со деца во живеалиштата за бегалци. Тоа беше искуство кое најмногу ми ги отвори очите. Но, сакам да зборувам конкретно за бегалците бидејќи чувствувам лична поврзаност кога ги гледам луѓето да се адаптираат на секакви околности во кои се ставени поради конфликт. Ниту едно семејство, ниту едно дете не избира да го напушти својот дом. Сите имаат соништа. Сите тие заслужуваат еднаквост и место каде ќе можат да живеат, да учат и целосно да го достигнат нивниот потенцијал. Секогаш верувам во децата бидејќи тие се нашата иднина и мораме да се грижиме за нив. Ова беше емотивно искуство кое ми го скрши срцето, но и ми донесе надеж гледајќи ги децата како се смеат и кикотат и го влечат максимумот од лошата ситуација. Ги видов и искусив активностите и можностите кои УНИЦЕФ им ги дава на младите луѓе кои останале без дом поради војната во Сирија и убаво е да се види дека овие деца имаат заедница во која се чувствуваат безбедно и заштитено“, додала таа.

Scroll to Top