Заради долг од 6 милиони долари прифаќав очајни улоги: Николас Кејџ за времето кога западна во финансиска криза

Холивудскиот глумец Николас Кејџ е на филмската сцена повеќе од три децении, а многумина го паметат по култните продукции во кои играше.

Но, глумеше и во филмови кои не беа толку успешни, кои беа само за ДВД изданија и не поминаа најдобро кај публиката. Кејџ се присети на еден период од неговата кариера кога прифаќал различни улоги, од кои многу од нив за него не биле нималку добри, само за да исплати долг од 6 милиони долари.

Во неодамнешното интервју за „60 минути“ на „Си-Би-Ес“, Николас зборуваше за некои од филмовите што ги снимал во 2010-тите, признавајќи дека биле многу лоши. Иако се ангажирал за да го отплати долгот кој му се случил заради падот на пазарот на станови, актерот рече дека давал сè од себе во секоја од улогите.

„Премногу бев врзан со недвижниностите. Пазарот падна, а јас не можев да излезам на време. Ги вратив сите пари, но должев и околу 6 милиони долари. Никогаш не поднесов стечај. Работата отсекогаш била мојот ангел чувар. Можеби не беше успешна, но сепак беше бизнис. Дури и филмовите кои беа мизерни, ги снимав со голема професионалност“, рече Кејџ.

Некои од филмовите во 2011 и 2012 година, како што се The Sorcerer’s Apprentice и Ghost Rider: Spirit of Vengeance, во голема мера не беа најдобро примени од публиката и критичарите, но, не сите негови филмови во оваа ера беа лоши.

Филмовите како „Украдени“, „Бес“, „Одмазда: љубовна приказна“ и „211“, меѓу многу други, се главно филмови кои најмногу заработија лоши критики. Додека Кејџ имаше повеќе промашувања отколку хитови во оваа ера, неколку филмови покажуваат дека тој сè уште е ѕвезда која знае да ја забавува публиката.

„Џо“ од 2013 година, на режисерот Дејвид Гордон Грин, сега најпознат по режијата на рестартирањето на трилогијата „Ноќта на вештерките“, го спои актерот со Тај Шеридан во мрачна криминална драма.

„Менди“ од 2018 година можеби е еден од најдобрите филмови на Николас во последната деценија, а во халуциногената и кошмарна приказна за одмаздата играат и Андреа Рајзборо и Линус Роуч.

Иако не е игран филм, гласовната изведба на Кејџ како Спајдермен Ноар, беше голем хит во „Spider-Man: Into the Spider-Verse“ во 2018 година.

 

Scroll to Top