По три сезони, HBO-серијата „И едноставно така“, продолжение на култната „Сексот и градот“, официјално е откажана. Веста ја потврди главната актерка и продуцентка Сара Џесика Паркер, која преку трогателна објава се прости од ликот што ѝ ја одбележа кариерата – Кери Бредшо.
Паркер на Инстаграм објави емотивно писмо во кое им се заблагодари на сите што ја создаваа серијата заедно со неа, но и на гледачите кои низ децении ја сакаа и навиваа за Кери – иако понекогаш и ја осудуваа.
„Кери Бредшо доминираше во мојот професионален живот цели 27 години. Мислам дека јас ја сакав најмногу од сите. Знам дека и другите ја сакаа. Беа фрустрирани од неа, навиваа за неа. Таа симфонија на емоции беше мојот најважен сопатник. Засекогаш сум благодарна“, напиша Паркер, потврдувајќи дека „ова поглавје е завршено“.
Таа додаде дека заедно со креаторот на серијата, Мајкл Патрик Кинг, заеднички одлучиле „И едноставно така“ да не добие нова сезона. Серијата, потенцира, била радост, авантура и најубавиот вид на тежок труд, во соработка со неверојатна екипа и повеќе од 380 членови на продукцијата.
„Се предаде на шеширите, книгите, чевлите, пријателките и ветувањето на нов ден во нејзиниот сакан град и со луѓето кои најмногу ги ценеше. Го носеше срамот, гордоста, честа, оптимизмот и буквално безброј фустани и здолништа. Се држеше за раце, надеж и најдоброто од луѓето“, додаде актерката за својот лик.
„И едноставно така“ повторно ги обедини Кери, Миранда и Шарлот во современиот Њујорк, но без Саманта (Ким Катрал), која се појави само во кратка сцена на крајот од втората сезона. Серијата се обиде да го балансира носталгичното со современи општествени теми, но реакциите од публиката и критичарите беа поделени. Некои го пофалија освежениот пристап и новите ликови (Сима, LTW), додека други ја критикуваа принудената атмосфера, дијалозите и недостигот од јасна наративна линија.
Сепак, гледаноста беше солидна, а крајот на третата сезона остави можност за продолжение – што сепак нема да се случи.
Оригиналната серија „Сексот и градот“ се емитуваше на HBO од 1998 до 2004 година, низ 6 сезони и 94 епизоди. Освои 7 Еми награди, 8 Златни глобуси и милиони обожаватели низ светот. Следеа два филма (2008 и 2010), а потоа и продолжението „И едноставно така“, кое започна во 2021 година.
Серијата беше револуционерна за своето време – отворено зборуваше за женската сексуалност, пријателството, модата и модерните предизвици на животот во големиот град. Кери, Миранда, Шарлот и Саманта станаа икони на поп-културата, а Њујорк – петтиот главен лик.
26 години по првата епизода, целата приказна – барем засега – добива крај.