Легендарната глумица Џејн Фонда, на 82 години првпат призна дека жали за пластичните операции што ги правела низ годините. Таа во документарниот филм за нејзиниот живот, но и во интервјуто за магазинот „Ел“ отворено зборува за стравот од стареење и за тоа дека тешко се соочила со фактот дека „годините ја газат“.
„Среќна сум што изгледам добро за годините, но имав пластични операции… Од една страна, го мразам фактот дека сум имала потреба да правам физички корекции за да се чувствувам добро. Посакувам да не беше така… Посакувам да бев похрабра. Но, тоа сум што сум“, рекла актерката.
Таа признала дека иако правела пластични операции, никогаш не сакала тие да се пренагласени, туку, напротив, сакала „постар“ изглед на лицето.
„Не можам да се преправам дека не сум суетна и ‘празна’, но завршив со пластичните операции. Не сакам повеќе да се сечам. Морам секој ден да работам на себеприфаќањето. Тоа не е лесна тема за мене. Се изморив од тоа да изгледам изморено дури и кога не сум“, признала Фонда.
Таа имаше вградено имплантанти, кои потоа ги отстрани, но правела и лифтинзи на лицето, корекции околу очите и јаболчиците. Признава дека сега веќе се гордее со својата искреност и дека и социјалните мрежи ги користи со истата доза искреност.
„Објавувам фотографии на кои не изгледам совршено. Но, факт е дека ако признаев порано, ако ја кажев вистината дека не сум среќна, тоа ќе беше универзална тема. Сите проблеми со кои јас се соочував, се блиски на многу жени. Сметав дека не сум доволно добра, дека морам да удоволувам, пред сè на татко ми, дека не сум убава доволно, не сум доволна слаба, ниту доволно паметна“, раскажала глумицата и признала дека често разговарала и со терапевти и со самата себе.
„За да продолжиш напред, мораш да погледнеш прво наназад“, открива таа.