Божиновска: Ниту една инвестиција не вреди повеќе од човечкиот живот – градиме модерно и безбедно рударство

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се осврна на одбележувањето на Денот на рударите – 28 Август, посочувајќи дека развојот на македонското рударство мора да се темели на безбедноста на работниците, модернизацијата, повисоките еколошки стандарди и придобивките за локалните заедници.

Божиновска информираше дека Министерството вчера организирало настан по повод Денот на рударите, на кој за состојбите, предизвиците и иднината на секторот говореле претставници од рударството, науката и академската заедница, како и луѓе со непосредно професионално искуство во рудниците.

Свои обраќања имале претседателот на Македонската асоцијација на рударство, Диме Петрески, деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. Ѓорѓи Димов и научниот соработник во Македонската академија на науките и уметностите, Александар Дединец.

За своите лични и професионални искуства во рударскиот сектор говореле и Катерина Новакова и Љубе Колев.

Во рамките на настанот биле доделени и признанија на десет рудари за нивниот особен придонес и долгогодишна посветеност.

Признанија добиле Драганчо Јованчов од Рудник САСА, Иво Ѓоргиевски од Тораница, Иван Цеков од Злетово, Љубе Колев од Бучим, Игор Наумоски од Мермерен комбинат АД Прилеп, Драганчо Ивановски од АД ЕСМ – РЕК Битола, Сеад Башевич од ФИМАР БАЛКАН, Фуат Таири од ЈЕФУТА ИНЖЕНЕРИНГ, Борче Блажески од КРИН КГ и Боби Трајковски од МИСА-МГ.

Божиновска потенцираше дека годинашното одбележување доаѓа во период кога е постигната историски највисока наплата на концесиските надоместоци.

Во 2025 година по оваа основа биле наплатени повеќе од 1,22 милијарди денари, а според министерката, позитивниот тренд продолжува и во 2026 година.

Таа посочи дека 78 проценти од овие средства директно се враќаат во општините и се наменети за инвестиции во нови патишта, водоводи, училишта и подобрување на условите за живот на граѓаните.

Паралелно со тоа, како што наведе Божиновска, се спроведува новата Стратегија за минерални суровини и се финализираат новите законски решенија со кои треба да се обезбедат поголема транспарентност, повисоки еколошки стандарди и модернизација на секторот.

Целта, според министерката, е создавање современо рударство кое ќе отвора можности за младите инженери и геолози, но и ќе овозможи поголемо учество на жените во рударскиот сектор.

Посебен акцент во своето обраќање Божиновска ставила на безбедноста на луѓето кои работат во рудниците.

„Ниту еден тон произведена руда, ниту еден процент од извозот и ниту една инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот. Безбедноста мора да биде култура на однесување во секој рудник, во секоја смена и на секое работно место“, порача Божиновска.

Таа нагласи и дека придобивките од рударството не треба да остануваат ограничени само на компаниите и непосредната експлоатација на минералните суровини, туку треба да придонесуваат за развојот на целите региони.

„Рудникот не смее да биде изолиран остров, туку двигател на целиот регион, а нашата визија се темели на три неразделни одговорности: кон работникот, кон локалната заедница и кон идните генерации“, порача Божиновска.

Scroll to Top