Димитриеска-Кочоска: Со ребалансот обезбедуваме повеќе средства за капитални инвестиции и забрзан економски развој

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред пратениците го образложи Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година, истакнувајќи дека измените не се резултат на недостиг на приходи, туку на одговорно управување со јавните финансии и пренасочување на средствата кон приоритетни области.

Според неа, со ребалансот вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, а вкупните расходи на 425,2 милијарди денари.

„Најважно е што со ребалансот обезбедуваме дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари – за 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет“, истакна Димитриеска-Кочоска.

 

Таа нагласи дека се обезбедуваат повеќе средства за капитални инвестиции и инфраструктурни проекти, за општините, земјоделството, студентскиот и ученичкиот стандард, социјалната и здравствената заштита, како и за редовна исплата на зголемените плати и исполнување на сите законски обврски.

Министерката посочи дека и покрај глобалната економска неизвесност, Владата останува посветена на фискалната дисциплина, одговорното управување со јавните финансии и политики кои, како што рече, обезбедуваат економска стабилност и создаваат услови за посилен економски раст во иднина.

Scroll to Top