Гневот на кралицата: Британските весници за веста на Хари и Меган

Многу весници се фокусираа на реакцијата на кралицата за ненадејното соопштение од двојката.

Одлуката на принцот Хари и Меган да се дистанцираат од кралското семејство денеска беше на секоја британска насловна страница, а многумина прашуваа зошто кралицата не била консултирана за соопштението.

Сан го даде твитер-хаштагот на денот со „Мегзит“ и рече дека кралицата е вознемирена, но принцовите Чарлс и Вилијам „вријат од бес“.

Насловната страница на Дејли мејл во стил на постер зборува за „бесот на кралицата“, за кој ќе откријат во нивното специјално издание за „кралската бомба“.

Мирор едноставно вели: „Не ѝ кажале ни на кралицата“. Се цитира извор што рекол: „Тие покажуваат целосно непочитување кон институцијата“.

Гардијан објави дека парот ќе се повлече од своите кралски должности и ги истакнува нивните планови да станат финансиски независни.

Телеграф вели: „Хари и Меган дадоа отказ во Фирмата“, покрај огромна слика од парот. Има и цртеж со работник во „Пица експрес“ што држи знак: „Вработуваме бивши војводи и војвотки“.

Тајмс укажува на кавгите во кралското семејство: „Хари и Меган се откажаа во екот на раздор во кралското семејство“. Во статијата се вели дека дознале дека кралицата е многу разочарана.

Експрес оди со насловот: „Пораз за кралицата додека Хари и Меган се повлекуваат од кралскиот живот“ на својата насловна страница. Во статијата се вели и дека се разочарани и дворските придружници, а нашле место и за сликичка од кралицата на која изгледа несреќно.

Ај се осврнува само на Хари, со наслов: „Принцот се повлекува“. Во текстот се вели дека кралското семејство е соочено со најбурниот период од абдикацијата во 1936 година.

И, со почесно место на листата, вели Гардијан, е Њујорк пост, кој ја поддржува идејата за Мегзит со привлечна визија за тоа каков може да биде „обичниот“ живот за двојката.

Scroll to Top